Повикот за пријавување за наградите ЕЛТонс 2022 е отворен!
Дали во последниве две години сте изработиле некаков иновативен продукт, публикација или услуга за предавање или учење англиски јазик?
Оваа година се одбележуваат 20 години од постоењето на ЕЛТонс, единствените меѓународни награди коишто им оддаваат признание на најновите иновации во учењето и предавањето англиски јазик, но и на креаторите коишто стојат зад нив. Рокот за пријавување завршува во четврток, 17 март.
ЕЛТонс 2022 ја започна потрагата по најистакнатите и најинспиративни начини за предавање и учење англиски јазик во изминатите две години. Наградите за 2022 година ќе оддадат почит на извонредната умешност и ингениозност на оние коишто пронајдоа револуционерни начини како да ги надминат препреките во образованието за време на пандемијата.
Британскиот совет е во потрага по најиновативните часови во живо, онлајн курсеви, апликации, платформи и проекти коишто произлегоа од пандемијата, како и нови начини за поддршка на развојот и благосостојбата на наставниците. ЕЛТонс исто така будно ја следи примената на најсовремени технологии коишто овозможуваат висококвалитетно предавање и учење англиски јазик преку, на пример, вештачка интелигенција, виртуелна реалност и препознавање говор.
Финалистите на наградите во 2021 година вклучуваа учење јазик во извонредни 3D светови, оригинални ТВ серии наменети за оние коишто учат англиски јазик и нови пристапи за наставниците, коишто помагаат да се задржи вниманието на учениците.
ЕЛТонс ја продолжува работата на Британскиот совет во создавањето глобални можности во образованието, уметноста, културата и англискиот јазик. Во 2021 година, пристигнаа над 180 пријави од 55 земји за проекти коишто беа посветени на значајните глобални предизвици поврзани со климатските промени и нееднаквоста во образованието. Британскиот совет ќе се погрижи наградите да бидат инклузивни, да ја одразуваат широката разновидност на образованието на англиски јазик ширум светот и да промовираат еколошка одржливост.
Вкупно има пет категории на награди:
- Врвен квалитет на дигитална иновација
- Иновација во ресурсите за учениците
- Иновација во ресурсите за наставниците
- Врвен квалитет на иновација во курс
- Врвен квалитет на локална иновација
Покрај пријавувањето иновација за една од петте главни категории награди на ЕЛТонс, учесниците можат да ја пријават својата иновација и за две специјални признанија: Еднаквост, различност и инклузија (EDI) и Одржливост на животната средина и климатска акција.
Пријавувањето е отворено до четврток, 17 март, 23.59 часот. Овде можете да дознаете повеќе за тоа како да се пријавите и да ја поднесете вашата иновација.