Преземено од mkd.mk.
Во годината кога Британскиот совет во Македонија прослави 20 години од постоењето на канцеларијата во нашата држава, разговаравме со Елеонора Запрова, директорка на Британски совет во Македонија, со цел да погледнеме наназад и да ги сумираме реализираните активности. Разговорот со Запрова ни откри фантастични резултати.
Британскиот совет во Македонија годинава одбележа две декади од градењето културни и образовни врски помеѓу Македонија и Обединетото Кралство и веќе 20 години е ценет партнер за промени во образованието и културата, со што има огромен придонес кон градењето доверба и разбирање помеѓу Република Македонија и Велика Британија.
Тони Димков: Британски совет во Македонија годинава прослави 20 години постоење. Кои се фактите што со гордост ги истакнувате во име на прославата на значајниот јубилеј?
Елеонора Запрова: Јубилеите се секогаш убава можност да погледнеме наназад и да ги видиме резултатите од минатиот труд. Предизвик е да се сумираат фактите од две децении делување на Британскиот совет во земјава во само неколку реченици. Ќе сe обидам да го сторам тоа со неколку примери од областите во кои работиме: англискиот јазик, образование и култура и уметност.
Од самите почетоци работиме со македонските образовни институции во подобрување на наставата по англиски јазик во училиштата и на универзитетите. Над 60% од наставниците по англиски јазик ги подобрија своите вештини за предавање на англискиот јазик преку нашите програми за професионален развој. Нашите бесплатни онлајн ресурси за учење англиски ги користат околу 220,000 ученици и студенти.
Британскиот совет е глобален администратор на најстариот тестатор по англиски јазик, Универзитетот Кембриџ и одделот за сертифицирање на англиски за странци. Нивните дипломи денес ги поседуваат над 20, 000 лица во Македонија.
Активно сме вклучени во реформирањето на стручното образование и поттикнувањето на претприемништвото кај повеќе од 2000 средношколци.
Над 300 професионалци од областа на културата беа дел од обуките за развој кои ги реализираа консултанти, обучувачи и организации од Обединетото Кралство.
Над 200,000 посетители биле дел од нашите програмски активности во областа на визуелната и изведувачките уметности.
Во последниве неколку години Британскиот совет интензивно работи на развој на интерактивни дигитални производи од областа на музиката, филмот и отворени онлајн курсеви во разни области преку кои допревме до милионска публика во целиот свет.
Она што сепак сакам да го издвојам е големиот број на значајни партнерства што ги изградивме со голем број институции, организации, компании, медиуми и странски партнери во Македонија на кои имавме можност да им се заблагодариме на прославата на нашиот јубилеј.
ТД: Ако се вратиме на почетоците, кои беа мотивите пред 20 години да се основа Британски совет во Македонија? Од каде и како се појави иницијативата?
ЕЗ: Основањето на Британскиот совет во Македонија е резултат на спогодбата за соработка во областите образование и култура потпишана помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Обединетото Кралство. Мотивот е наведен во самата спогодба: Зајакнување и развивање на пријателски односи меѓу двете земји преку поттикнување, унапредување и воспоставување непосредна соработка на поединци, институции и организации од двете земји во областа на образованието и културата. Британскиот совет од друга страна е пак водечка меѓународна организација на Обединетото Кралство за воспоставување образовни и културни врски и следствено ја доби улогата на имплементатор на оваа спогодба од страна на британската влада со основање на своја канцеларија во Македонија.
ТД: Со текот на годините Британски совет со своите активности длабоко се инсталира во современото македонско општество. Кои се клучните процеси што ги иницираше работата на Британски совет (се мисли на едукација, образовен систем, уметност)?
ЕЗ: Мислам дека вистинскиот термин би бил дека Британскиот совет се вмрежи во македонското општество. Нашиот пристап е пред сè креирање на партнерства и заедничко делување според потребите во образовната и културната дејност.
Конкретно во образованието нашите иницијативи секогаш биле одговор на потребите за промени и модернизирање на образовниот процес, како реформирање на наставните програми по англиски јазик и воведување на дигитални содржини во наставата, реформирање на програмите за стручно образование во корелација со потребите на пазарот на трудот, обезбедување на програми за обуки за наставниот кадар.
Во областа на културата би ги издвоила иницијативите во сферата на креативните индустрии, креативното претприемништво и инклузивниот дизајн.
ТД: На кој начин се одвива комуникацијата со централата на Британски совет во Велика Британија и дали има соработка со другите регионални канцеларии на Британски совет, на Балканот и во регионот на југоисточна Европа?
ЕЗ: Британскиот совет е глобална организација и има свои канцеларии во над 100 земји во светот. Земјите се групирани во кластери и региони. Македонија е дел од кластерот Западен Балкан кој пак припаѓа на регион во чиј состав се и Турција, Русија, Украина, Кавкаските земји и Израел. Глобалните програми за англиски јазик, стручното образование и дигиталните продукти се дел од програмското портфолио на сите земји. Најинтензивна е соработката со балканските земји. Централата во Лондон ни дава поддршка преку воспоставување на соработка со британски институции, организации, уметници и експерти.
ТД: Колку сте задоволни од одзивот на македонските институции, на национално и локално ниво, во однос на активностите што ги реализира Британскиот совет во Македонија?
ЕЗ: Генерално имаме добра соработка со македонските институции и тоа во голема мера е клучот на успехот сите овие години. Сметам дека сме изградиле однос на доверба со клучните институции за образование и култура.
ТД: Според вас, кои се клучните реформи во македонскиот образовен систем што ги иницираше и реализираше Британски совет во Македонија?
ЕЗ: Нашето делување во сферата на образованието секогаш одговара на потребите на реформските процеси во Македонија. Британскиот совет е глобален авторитет во сферата на изучувањето на англискиот јазик и голем поддржувач во усовршувањето на наставниот кадар. Дадовме придонес во клучните реформи како што се воведување на англиски јазик во прво одделение, воведување на матурскиот испит по англиски јазик, воведување на дигитални содржини во наставата, како и обезбедување на професионален развој на голем број наставници. Од сферата на стручното образование би го издвоила нашиот придонес кон имплементација на акцискиот план за Македонската Рамка за квалификации и реформскиот проект за доживотно учење, финасиран од ИПА програмата на Европска Унија.
ТД: Британски совет во Македонија е особено активен и во полето на креативните индустрии, со кои Велика Британија е водечка светска сила. Колку и на кој начин британските рецепти се имплементираат во Македонија?
ЕЗ: Креативна економија е област на истражување и развој во Велика Британија повеќе од 20 години, всушност од моментот кога британските институции ги направиле првите истражувања за тоа колку креативните индустрии придонесуваат во економијата на земјата и колку нови работни места креираат на годишно ниво. Резултатите од истражувањата го промениле и односот на владините институции во однос на препознавањето, поттикнувањето и поддршката на овие индустрии. Македонија може да го следи примерот на Словенија, Малта, Естонија, мали земји кои го препознале кретивниот потенцијал и системски го поддржуваат користејќи некои од британските практики за истражување, воспоставување на меѓуинституционална соработка, финасирање на креативниот сектор и поттикнување на креативното претприемништво.
ТД: Културата и уметноста имаат значајна улога во унапредувањето на културните врски меѓу Кралството Велика Британија и Република Македонија. Кои се најзначајните уметнички настани што се реализирани со поддршката на Британски совет?
ЕЗ: Јас би се задржала на нашата работа во полето на визуелни уметности кое е едно од најзначајните во Британскиот совет, а истовремено беше во фокусот на делување во Македонија и во регионот во последниве неколку години.
Моќта на визуелната уметност има неприкосновен придонес во работата на Британски совет во областа на културата. Од 1938 година, Британски совет собира уметнички дела, ракотворби и дизајн, со цел да ги промовира достигнувањата на најдобрите британски уметници и дизајнери. Збирката во моментов брои над 8500 дела и е втора по бројност јавна збирка на уметнички дела во Велика Британија. Збирката нема постојана галерија и се нарекува „Музеј без ѕидови“.
Две патувачки изложби, „Прагови“ и „Хенри Мур – графичарот“ беа дел од нашата програма и беа реализирани со Музејот на современата уметност во Скопје. Циклусот го завршивме со претставување на изложбата „Нова Религија“ на Дејмиен Хрст во јуни годинава. Во истиот период, во соработка со Галеријата Остен организиравме изложба и поддржавме подготовка на монографија за британските уметници од колекцијата на Остен.
ТД: Најзначајните настани што во текот на 2016 година ги организираше Британски совет беше одбележувањето на 400 години од смртта на Вилијам Шекспир и изложбата на дела од најзначајниот британски современ уметник Дејмиен Хрст во Музејот на современата уметност. Дали овие ексклузивни настани во Македонија ќе беа можни без поддршката на Британски совет?
ЕЗ: Во рамки на кампањата GREAT на британската влада, Британски совет ја организираше глобалната програма „Шекспир живее“ (ShakespeareLives), во која учествуваа повеќе од 140 држави. Во соработка со театри, музеи, образовни институции и уметници, програмата „Шекспир живее“ претстави нови продукции на драмите на Шекспир, филмски адаптации, изложби и образовни материјали. Во Македонија реализиравме активности за вклучување на младите во истражување на некои од клучните теми на општеството во кое живееме (инклузија, еднаквост и разнообразност, владеење, правда и човекови права) користејќи ги делата на Шекспир. Работевме со 700 ученици од средните училишта и над 200 студенти и професори.
Нашата годишнина во Македонија ја одбележавме со изложба на делата на еден од најзначајните модерни уметници од денешно време – Дејмиен Хрст. Делата кои претходно беа изложувани на неколку локации во Британија и низ светот беа претставени и на македонската публика.
Нашата поддршка покрај обезбедување на содржината е и финансиска и организациска.
ТД: Во кој правец ги насочувате активностите на Британскиот совет во Македонија во следните години?
ЕЗ: Фокусот на нашата работа останува во истите сфери и сегменти на делување. Еве мала најава дека новата календарска година ќе ја почнеме со британски филмски фестивал за што дополнително ќе ја информираме јавноста. Во следниов период нашата канцеларија во Македонија ќе раководи со истражување за вештините кои се потребни во културниот сектор во шесте земји од Западен Балкан. Поддршката за креативните претприемачи и културните работници преку нашите програми за развој останува да биде фокус и наредните години.
Во сферата на образованието покрај стручното образование и изучувањето на англискиот јазик, поинтензивно ќе работиме и на темата користење на нови технологии во образованието.
ТД: Колкава е екипата која ги реализира активностите на Британски совет во Македонија и која е вашата лична сатисфакција од резултатите што Британски совет во Македонија ги оствари во овие 20 години?
ЕЗ: Канцеларијата на Британски совет во Македонија е релативно мала во споредба со другите канцеларии во регионот и пошироко. Во моментов нашиот стручен тим брои 7 луѓе кои работат на програмскиот дел, администрацијата на испитите и раководењето со канцеларијата. Често ми го поставуваат ова прашање и често се сите изненадени од тоа како толку мал тим координира толкав вариетет на проекти и услуги. Се разбира, тимот работи со голем број на локални и меѓународни консултанти, дополнително ангажира соработници и на дневна основа соработува со нашите партнери за сето тоа да резултира со успех. Што се однесува до личната сатисфакција, вистинско задоволство е да се работи со тим на посветени професионалци од кои повеќето посветиле повеќе од 10 години од својот професионален живот во организацијата. Нашата работа се темели на креативност, професионалност, взаемно помагање, вреднување на луѓето и интегритет, кои се дел од нашето секојдневие, а резултатот од тимската работа е евидентен. Нема поголема сатисфакција од тоа.
Интервјуто го водеше Тони Димков, наградуван новинар и автор, во декември 2016 година. Фотографијата е на Иван Блажев за Британски совет во Македонија.