Ја објавуваме програмата „Поврзување на градови од Велика Британија со градови од Западен Балкан преку дигитална технологија“ и отворениот повик до сите регионални центри (хабови), стартапи и мали и средни претпријатија. Крајниот рок за пријавување е сабота 30 декември 2017.
Со оваа програма, 12 градови од Велика Британија ќе се поврзат преку дигиталните индустрии со 12 градови од Западниот Балкан (Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора), ставајќи фокус на иновации во креативните индустрии и технологијата во образованието. Со ова сакаме да придонесеме во развојот на индустриите за дигитални технологии во регионот и во Велика Британија со јакнење на политиките и стратегиите, поддршка во вмрежувањето и соработката помеѓу креативните хабови и градовите, како и развој на вештините на професионалци и раководители на хабови во вклучените градови. Проектот е финансиран од британската влада и спроведен од страна на Британскиот совет во соработка со организацијата „Културен код“ (Culture Code).
Со програмата ќе се поврзат креаторите на општински политики и стратегии, стартапи, дигитални и креативни центри, како и мали и средни претпријатија кои работат на иновации за дигитализација во општините, креативни индустрии и дигиталната едукација.
Ќе обезбедиме поврзување и развој на вештини на професионалците од дигиталните индустрии од Велика Британија и регионот, кои работат во иновативативни креативни хабови и дигитално образование во стартапи, дигитални и креативни хабови и дигитални мали и средни претпријатија преку директно вмрежување, соработка и можности за размени.
Со учество во програмата, стручните лица од дигиталната индустрија во Западниот Балкан ќе добијат можност за:
- учество во истражување и проценка на потребите на дигиталната индустрија во Западен Балкан,
- присуство на настани во Западниот Балкан за развој на капацитети и вмрежување со водечки експерти од Велика Британија и Западен Балкан (на 19 јануари 2018 година во Црна Гора, и од 21 до 24 февруари 2018 година во Србија),
- размени и работни посети со практични обуки (5-7 дена) во сродни организации (јануари–февруари 2018 година),
- учество на конференција за развој на капацитети и студиски престој во Велика Британија во периодот од 16 до 20 февруари 2018 година ,
- реализација на грантови за соработка на заеднички проекти со партнери од регионот и од Велика Британија, поддржани од искусни ментори од центрите и малите и средни претпријатија (јануари-март 2018 година),
- учество на завршната конференција на проектот на крајот од март 2018 година во Велика Британија, на која ќе се сретнат претставници од различни сектори од Велика Британија и регионот, и одбрани претставници од хабовите, стартапите и бизнис секторот кои ќе споделат искуства, најдобри практики, постигнати резултати и насоки за идна соработка.
Сите трошоци за учество на организациите и нивните претставници ќе бидат покриени од проектот, вклучувајќи патни трошоци, сместување и храна. За учество во програмата можат да се пријават невладини организации, регионални центри (хабови), инкубатори, акцелератори, стартапи и мали и средни претпријатија активни во областа на иновации за дигитализација во општините, креативни индустрии и дигитална едукација од земјите во Западниот Балкан (Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора).
КАКО ДА СЕ ПРИЈАВИТЕ?
Сите заинтересирани кандидати треба да пополнат пријава со детални одговори. Крајниот рок за пријавување е 30 декември 2017 година, со испраќање на електронска порака со назнака „Пријава за Connecting Cities“, и прикачена пријава до alma.hasic@britishcouncil.org. Индивидуални пријави и пријави од владини организации нема да бидат земени предвид.
За учество во проектот ќе бидат избрани по дванаесет организации/компании од Западниот Балкан и од Велика Британија (вкупно 24).