Во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, работиме со претставници од сите факултети во Република Македонија кои обучуват наставен кадар по англиски јазик. Целта е изготвување предлог-систем за континуиран професионален развој на наставниот кадар по англиски јазик кој ќе ги следи новите законски решенија и правилници кои се однесуваат на професионално усовршување на наставниот кадар во Република Македонија.
На септемврискиот настан учествуваа декани, продекани, шефови на катедри и професори од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Универзитетот Гоце Делчев од Штип, Универзитет Југоисточна Европа, Државен Универзитет Тетово, Универзитет „Св. Климент Охридски“ од Битола, ФОН Универзитет, Меѓународен Балкански Универзитет и Универзитет Американ Колеџ за заедничка координација.
Претставниците од универзитетите ќе се фокусираат на основните професионални компетенции за наставници, можностите за напредување во кариерата и подетална примена на Националната рамка на квалификации. На почетокот од процесот, учесниците имаа можност да се запознаат со наставните стандарди и професионалното усовршување во Велика Британија кои ги претстави нашиот консултант Тим Филипс од Британски совет во Манчестер.
Прочитајте интервју со Тим Филипс за важноста на наставните компетенции, за системот за професионален развој во Велика Британија и како Британски совет им помага на наставниците ширум светот постојано стручно да се усовршуваат.
Презентациите од септемврискиот настан може да ги преземете на оваа страница.