Engagement-of-vulnerable-children_21st-Century-Schools_1

За време на тригодишниот регионален проект 'Училишта на 21-от век', спроведен од Британски совет, речиси милион ученици на возраст од 10 до 15 години од земјите од Западен Балкан стекнаа нови вештини и ги надградија нивните вештини за критичко размислување и решавање проблеми и дигиталните вештини, со помош на 18,000 обучени наставници и 4,000 директори

Со цел да се унапреди дигиталната писменост и да се подготват учениците за професиите кои ќе бидат актуелни во иднина, на училиштата ширум Западен Балкан им се донираа преку 100,000 уреди 'Микро:бит', со кои тие ќе ги применуваат ноовостекнатите вештини и техники во наставата. Со оглед на тоа дека техниките за критичко размислување и решавање проблеми, покрај часовите по информатика, може да се користат и за останатите предмети – како и донираните уреди – се основаа преку 2,000 клубови за кодирање во речиси половина од училиштата кои беа вклучени во проектот. Учениците во овие клубови се поттикнуваат да создаваат креативни и иновативни проекти со помош на уредот 'Микро:бит', при што половина од учениците кои учествуваат во клубовите се девојчиња.  

Поттикнат од позитивните повратни информации за силното влијание на проектот врз децата од разни групи, Британски совет спроведе истражување за влијанието на проектот ширум регионот.  

Истражувањето покажа дека инклузијата за време на проектот 'Училишта на 21-от век' придонесе значително да се развијат аналитичките вештини, критичкото размислување и вештините за кодирање кај децата од ранливите категории, особено кај девојчињата од социјално загрозени семејства коишто немаа претходно стекнато вештини за користење дигитална технологија. 

Проектот придонесе да се зголеми мотивацијата за образување и за редовно присуство на часовите, особено кај децата со посериозни потешкотии при учењето и кај децата кои живеат во неповолни социоекономски услови, чија мотивација претходно била на маргинално ниво поради нивното чувство на отфрленост, несигурност и нееднаквост.

'Кај децата се разви социјална сензитивност и емпатија кон нивните соученици со попреченост за време на заедничките проекти. Ова влијаеше и на нивното понатамошно учество во иницијативите за овозможување поддршка за нивните соученици кои припаѓаат на ранливи категории. Благодарение на новостекнатите вештини и силното чувство на напредок и успех, кај децата се зголемија мотивацијата за учење и самодовербата'. 

Engagement-of-vulnerable-children

Понатаму, наставниците коишто беа вклучени во проектот истакнаа дека користењето на 'Микро:бит' технологијата при предавањето разни предмети го подобри квалитетот на наставата и го продлабочи капацитетот на децата за поврзување теми од разни предмети. Тие велат дека новите наставни методи и поинтерактивните наставни техники придонесоа да се зголеми учеството на часовите и да се практикува проактивно учење, а ним им помогнаа да ги постигнат наставните цели. 

Покрај тоа што извештајот ги содржи одличните резултати од позитивното влијание на проектот врз децата од ранливите категории, тој опфаќа и препораки за подобрување на наставната програма, активностите за учениците и наставниците и средината за учење. 

Една од најважните препораки е дека е важно уредот 'Микро:бит' да се воведе системски во редовната настава, бидејќи тој овозможува поврзување на интердисциплинарните содржини, оди во прилог на работењето во групи, ги поврзува учениците и наставниците и им овозможува на наставниците да ги реализираат наставните цели со вклучување на сите ученици. 

Друг важен аспект што треба дополнително да се истражува и развива е поддршката што си ја даваат врсниците кога станува збор за учењето, бидејќи поголеми се придобивките кај децата коишто работат со свои врсници со кои имаат заеднички интереси, што понатаму придонесува да им се задржи интересот за образовниот процес и им помага полесно да се вклопат на училиште.  

Покрај тоа што е важно да се подобри инфраструктурата за ИКТ во училиштата, подеднакво е важно и да се обучат што поголем број наставници или да се создадат алатки со кои наставниците ќе можат релативно лесно, систематски и ефективно да го споделуваат нивното знаење за кодирање со уредот 'Микро:бит' со нивните колеги во училиштето. 

Со цел подобро да се применуваат новите техники со децата од ранливите категории, особено со децата кои имаат потешкотии во учењето, важно е да се спроведе барем еден модул на обука за применување на новите техники при работењето со овие деца, за да се надминат предизвиците при применување на техниките, да се појасни како да се применуваат при кодирање и слично.

Друг заклучок којшто беше нагласен е дека е потребно да им се овозможи поголема поддршка на девојчињата, со цел се зголеми нивниот интерес и учество во областа на науката, технологијата, инженерството и математиката. 

Извештајот може да го преземете овде, исто како и краткиот преглед на извештајот.

Споделете на социјални мрежи