Во ера кога доживуваме невиден подем на социјалните медиуми, секојдневно сме „бомбардирани“ од секакви информации – полувистини, поствистини, лажни вести, дезинформации... исклучително е важно да постојат медиуми кои се засноваат на етика и кои носат позитивна промена во овој хаотичен пејзаж. Во секојдневната борба за кликови и преживување, знаеме дека тоа е исклучително предизвикувачки.
Сведоци сме на апсурд – во време кога имаме толку многу „медиуми“, медиумската сфера никогаш повеќе не била под закана, како денеска. Сè е инстант, брзо, опседнати сме од „дум скролинг“, мозоците не можат да ги „сварат“ тие количества на информации. Сме еволуирале како цивилизација, но колку нашите нивоа на свест се развиле во насока на етичност, праведност, правичност?
Токму поради овие предизвици, важни се програми како Western Balkans Media for Change. Овозможуваат доволно ресурси, капацитети, знаења, вмрежување и даваат сериозна поддршка за да може медиум како „Лице в лице“, кој етичноста ја има во своите главни принципи, да се посвети на активирање на својата заедница, нејзино растење развивање во вистинска насока. Да се донесе нова идеја „на маса“ ни се чинеше како доволен повод да се иновира. Но, со оваа програма, ние можевме да отидеме и неколку чекори понапред – да го имплементираме она што сметавме дека ни е потребно.
Во овие 9 месеци организиравме 5 работилници за „жетва“ на содржини. Посетивме 10-тина места, голем дел од нив и рурални, каде што претходно „Лице в лице“ не било достапно како бренд, а секако не и како медиум. Вклучивме над 30 млади луѓе во кокреирање приказни, фотографии, илустрации, активности на локално ниво. Вклучивме нови колеги и колешки, кои сериозно ја редефинираа дигиталната содржина на „Лице в лице“. Издадовме две печатени изданија во кои новата, млада енергија на „Лице в лице“ го редефинираше изгледот и концептот на нашиот печатен производ, го направи поатрактивен и за помладата публика. Ангажиравме и млади волонтери, креативна заедница на илустратори, дизајнери, ИТ кадар за развој на нашата веб платформа. Изградивме партнерства со сродни организации, медиуми, фирми, неформални групи, кои, верувам, ќе продолжат да се развиваат и по овие 10 месеци на имплементација на проектот.
Сиве овие податоци не се само бројки и цртички на нашата „Ту ду“ листа, туку се влијание во средини кадешто допрела мисијата на „Лице в лице“ и почнала да ги множи концентричните кругови на соработка и етичност преку медиумски содржини. Токму тоа овозможување и поттикнување соработки, партнерства и отворен простор за кокреирање е веројатно, најсилниот адут на „Лице в лице“. Продолжуваме, освен да информираме, да инспирираме кон делување, честопати надвор од рамките на традиционалните новинарски формати. Во исто време, остануваме верни на мисијата, на нашите продавачи кои имаат квалитетен производ в раце, како и на новинарската етика, обезбедувајќи квалитетни содржини, кои ја одржуваат довербата на публиката.
Горди сме што нашиот инбокс редовно се полни со предлози од граѓани кои имаат знаења, вештини од повеќе области и кои си го нашле својот простор токму на „Лице в лице“. Имавме и повеќе моменти на рефлексија кои секогаш се важни кога се планираат нови аспекти на работа. Докажавме дека имаме способност да вклучиме, да активираме, но и да едуцираме заедница луѓе, да се градиме меѓусебно во подобри луѓе кои ќе делуваат кон позитивна општествена промена.
Мое лично мислење е дека долго време, инспириравме промена само во социјалната сфера на нашата мисија, поретко во медиумската. Така, направивме и еден обемен процес на самопроценка и го објавиме Извештајот за транспарентност на Journalism trust Initiative. „Лице в лице“ е позициониран како неконвенционален медиум, со самото тоа што е улично списание и член на Меѓународната мрежа на уличен печат. Со објавата на извештајот за транспареност пак, се придружувамеи кон семејството на етички и професионални медиуми во светот.
„Лице в лице“ е и важен поттикнувач, односно активатор. Во тој капацитет, исклучително важни беа и нашите работилници, преку кои креиравме простор за промоција на позитивни идеи, за иновации, за отворени дискусии, вклучување на различни гласови. Сето ова го преточивме и во дигитален формат. Така, преку веб сајтот на „Лице в лице“, граѓаните можат да се вклучат, да раскажат, да пријават, да покажат, да се активираат …
Дадовме акцент на различни групи на кои ретко им го гледаме потенцијалот. Пишувавме за теми кои се табу, за животни приказни кои, освен што носат треперење, носат и надеж.
Маја Раванска, одговорна уредничка, Лице в лице