Претстави се себе си и твојата работа пред нашата публика.

Здраво, Јас сум Мартин Данчев од Скопје и работам како музички композитор и продуцент на музика најчесто наменета за реклами, документарци, кратки филмови, како и амбиентална музика. Имам свое студио во Скопје, а по струка сум дипломиран соло пејач на Музичката академија во Скопје.Работам како самостоен артист веќе 5 години.

Зошто проектот „Envision Sound“ (Осмисли звук) ти беше интересен и зошто реши да учествуваш во него?

Од секогаш имав желба да работам на долгометражен филм како композитор. Би рекол дека филмската музика е нешто што ми е цел за достигнување, така што немаше многу двоумење кога дознав за програмата „Envision Sound“. Веднаш се пронајдов уште во првите реченици од повикот за млади филмски композитори!

Какво е твоето искуство да се биде дел од овој проект? Кои се најголемите предности за учество во овој и слични проекти?

Програмата „Envision Sound“ би посакал да му се случи на секој млад композитор што има интерес за пишување музика за филм. Тоа е една сериозна програма организирана од Центарот Довженко од Киев и Британскиот совет од Украина. Програмата бара композитори со веќе предходно професионално искуство со музика наменета за ТВ медиуми или музика за филм (краткометражен, документарец, не мора да е долгометражен филм). Потребно е и одлично познавање на музичка композиција и теоретско познавање на музиката, кое е клучно за запишување и аранжирање на музиката.

Оваа година програмата ми овозможи оркестарската музиката што ја пишував за веќе предходно одреден фрагмент од нем украински филм да ја ја снимам во живо со Киевскиот симфониски оркестар. Паралелно имавме работилници со едни од најдобрите европски филмски експерти во Европа, од дизајнери на звук до композитори и режисери кои повеќето работат на буквално блок бастери и проекти со огромни буџети, односно луѓе со големо искуство во својата работа.

Освен знаењето со кое се стекнав, најголемата корист се луѓето кои ги запознав односно разговорите со луѓе кои се во истата бранша, но секој со различно искуство и позадина зад себе, бесценето! Меѓу другото тоа се и контакти кои можат да ви донесат соработки од нови размери. Оваа програма е еден редок и златен настан што многу ретко може да се најде во денешно време, особено во Европа.

Заедно со 17 колеги од европските земји, Мартин имаше можност да добие совети од некои од најуспешните луѓе од ова поле на уметноста.
Покрај предавањата, учесниците имаа прилика да го применат наученото и преку вежби со најдобрите експерти за музика и филм.
Мартин е еден од неколкуте одбрани учесници кои освоија награда.

Кој беше завршниот производ од твоето учество во овој проектна Британски совет?

Мојот финален продукт беше презентација на фрагментот кој ми беше доделен од филмот „Kvartali Predmistia”, архивски украински филм од 1929 година за кој пишував музика за оркестар, која ја снимавме со Киевскиот симфониски оркестар.

За време на програмата бевме под менторство и консултации со еминентни и истакнати филмски композитори како Enrica Sciandrone – Професор на Ројал Колеџ во Лондон, Alla Zagaykevych и Igor Stetsiuk – украински филмски композитори. Пристапот за пишувањето на музиката би го споредил со „Classic Style approach” бидејќи буквално музиката ја следи сликата (Том и Џери). Со овој метод креирав емпатиска музика која има за цел да ја долови приказната, да ја поткрепи сликата, како и да ја истакне емоцијата на сцените, додека паралелно се потрудив да вметнам и мала доза на хумор во целата таа фамилијарна драма што се случува во филмскиот фрагмент.

Што е следно за тебе?

Се чини дека тоа што го сработив премногу им се допадна и на мое огромно задоволство, прогласен сум како еден од победниците помеѓу десетте композитори кои учествувавме во програмата! Следно е да работам на цел нем долгометражен филм кој, во зависност од околностите со корона вирусот, треба да се презентира на Mute Nights Festival во Одеса и Киев, Украина, почнувајќи од 19 јуни.

Меѓу другото, моментално работам и соработувам со шпански гитарист и вокал, па верувам многу наскоро ќе ме има и како музички продуцент позади официален поп сингл, а можеби и цел албум, што е исто така едно ново искуство за мене! Планови има многу, меѓутоа треба да се сработат, па затоа оваа најава е доволна.

За крај сакам да истакнам голема благодарност до Британскиот совет од Украина и до Центарот Довженко од Киев за можноста и целосната поддршка, секако и вам за интервјуто.

Дополнителни страници

Споделете на социјални мрежи