Кога ќе се сетам наназад мислам дека програмирањето ми било љубов на прв поглед, иако не сум била свесна.
Уште во своите рани години се сеќавам како со дедо ми главев во неговата работилница каде лемевме плочки, диоди, батерии и придвижувавме колички и засветлувавме сијалички. Подоцна ова го правев и на училиште по предметот основи на техниката и производството и едвај чекав да дојде следниот час. Интересно ми беше да правам нешто на што ќе му дадам живот, што ќе се придвижи и ќе функционира. Сакав да поврзувам работи и да решавам предизвици.
Кога почнав со студии во 2003 година, тренд беше изборот на општествени науки и студии по англиски јазик, па затоа се одлучив за е-бизнис: насока која спојува технологија, бизнис и маркетинг, а предметите беа на англиски јазик. Се сеќавам дека кога ќе се спомнеше за Електро факултетот првата мисла и тогашен стереотип беше дека подразбира целодневна самостојна и индивидуална работа на компјутер и таа слика не се вклопуваше во идејата за мојата работа од соништата.
Бев запишана во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, која важеше за најстрога математичка гимназија. Сакав математика и не запирав се додека не најдам решение. Одев на летни математички школи кои завршуваа со натревари и освојував и награди – знаев дека ќе можам да студирам и на Електро, ако сакам, но поради перцепцијата за таа професија не се гледав како електроинжинер, сега попознато – како програмер.
Во текот на студиите сфатив дека она што суштински сакам е поврзувањето на технологијата со бизнисот, промена во организацијата и подобрување на системите. Природно ми одеше комуникација и работа со тим и знаев дека сакам да работам во брзорастечка интернационална средина. Им се восхитувам и до ден денес на сите кои можат да работат репетитивна работа, но за себе знаев дека тоа не би можела. На моја огромна среќа почнав да работам во најголемата ИТ-компанија во Македонија каде открив кои се технологии постојат, колку различни професии опраќа ИТ-индустријата и колку секојдневно се создаваат потреби и за нови професии и улоги за кои не бев свесна дека постојат или ќе постојат како – тестирање, проверка на квалитетот (Quality Assurance), ембедед технологии, наука за информации (Data Science), AI-вештачка интелигенција и роботика.