Информатичка технологија: индустрија, инженерство, програмирање, виртуелна реалност, вештачка интелигенција, анализа на податоци, тестирање на сосфтвер, 3Д печатење, старт ап компании... Многу нови зборoви, а и многу нови професии – клауд инженер, софтвер тестер, дата аналитичар, софтвер инженер, ВР дизајнер, се дел од професиите кои носат неограничени можности.
ИТ нѐ носи во свет кој што е креативен, иновативен, визионерски и забавен – тој свет е кул и фасцинантен. Во изминатата година видовме како информатичките технологии ни го менуваат животот – од учење и работа од дома, апликации со кои купуваме сѐ што ќе посакаме било каде во светот, до разни комуниациски платформи, преку кои се дружиме, забавуваме, зборуваме.
Девојките и жените се дел од информатичките технологии. Или подобро речено – технологиите се дел од нашиот живот. Некои од нас, тоа го прават преку користење на веќе постоечките апликации, а некои други од нас се токму тие кои ги создаваат апликациите.
Во денешниот свет, за најмладите е неопходно тие да бидат дигитално писмени, на ист начин како што треба да знаат да читаат, граматика, да знаат математика или странски јазик.
По завршување на формалното образование, нѐ чека цел еден нов свет на можности, каде што нашиот успех ќе зависи само од нас и од нашите знаења, вештини и истрајност. Доколку некоја од нас, одлучи да биде банкар, ќе биде неопходно познавањето на MS Excel. Уште повеќе, ако одлучи да ги запознае возбудливите Data Science области, тогаш само небото е граница.
Ако пак некоја од нас биде градежен техничар, инженер, архитект, ќе мора да ги познава сите Autodeskпрограми, а уште повеќе, со помош на ВР и 3Д технологиите, ќе може да ги долови сите свои инженерски достигнувања, креации и проекти во 3Д технологиите или пак преку виртуелната реалност.
Дел од нас, девојки и жени, ќе одлучиме својата иднина тесно да ја испреплетеме со компјутерските науки кои ќе бидат нашата професија. Многу од нас ќе слушнат дека тоа не е професија за жена или девојка.
Како жена, која неколку децении е во светот на ИТ, имајќи го во предвид нашето општество и опкружување, моето цврсто уверување е дека за жените и девојките од нашето поднебје, не постојат никакви граници, освен оние кои ние самите ќе си ги поставиме. Нашите татковци, нашите партнери, пријатели и колеги, со оние кои ќе нѐ поддржат во најголем број на случаи. Ние немаме ограничувања кои доаѓаат од воспитувањето или пак од општественото опкружување за поставеноста на женскиот во однос на машкиот пол. Ова тврдење е поткрепено и со фактот дека бројот на жени наспроти бројот на нивни колеги мажи на ФИНКИ и други едукациски центри за ИТ е речиси еднаков.
Промените во ИТ се неизбежни. Најмодерните професии во следните 5 години, денес не се измислени. Заради тоа, новите знаења и постојаното учење се неизбежни. Што овој паралелен свет го прави свет на возбудливи, модерни, бескрајни можности. Бидете ИТ професионалец, создавајте го новиот ИТ свет. Возбудливо е!