©

Mat Wright

Нашиот партнер Фондацијата „Томсон“ им овозможува стручно менторство, обука и поддршка на медиумите од Западен Балкан. Врз основа на нивното искуство, работејќи со преку 130 професионалци од медиумите и речиси 60 медиуми во регионот, во рамките на проектот „Media for All“, тие ја креираа веб-страницата Journalift. Оваа веб-страница претставува бесплатен онлајн ресурсен центар, дизајниран за новинари, медиумски професионалци, сопственици на медиуми и медиумски експерти за поддршка на развојот, растот и одржливоста на нивните медиуми.

Веб-страницата нуди курсеви и семинари за е-учење кои го опфаќаат медиумското дејствување и развој, алатки и техники за уредување, студии на случај, онлајн дигитални алатки и практично споделување на знаења и искуства, покривајќи ги и успесите и неуспесите. „Jоurnalift“ е достапна на албански, босански, српски, црногорски, македонски и англиски јазик.

Вести од нашите медиуми 

Фондацијата „Томсон“ работи со 85 медиуми во целиот регион. Тие редовно ги прикажуваат различните пристапи што ги применуваат за да ја зголемат својата публика и да развијат нови производи и услуги. Нови веб-страници, подкасти, видеа, документарни филмови, простор за огласување нови отворени работни места и преноси во живо се само дел од различните активности поддржани од проектот „Media for All“.

Повеќе информации може да добиете на платформата Journalift, но и овде можете да прочитате дел од локалните успешни приказни од проектот „Media for All“.

Албанија

Обучување на следната генерација новинари – „На плоштад“

„Граѓански канал“ („Citizens Channel“) од Тирана воведе своја платформа за е-учење наречена „Шешит“ („Sheshit“), што на албански значи „на плоштад“, наменета за млади новинари, студенти, активисти и граѓани заинтересирани да известуваат за тоа што се случува во нивните локални заедници. Долгорочниот план е медиумот да создаде „Комплет алатки за граѓани-известувачи“ за да им помогне на активистите и младите новинари да креираат визуелен материјал со висок квалитет.

„„Шешит“ има за цел да ги собере заедниците околу „Граѓански канал“ со тоа што ќе им овозможи знаење, алатки и опрема за ефикасно унапредување на нивниот активизам во врска со прашања поврзани со демократијата, животната средина, владеењето на правото и човековите права “, изјави Љорин Кадиу, извршен директор на „Граѓански канал“.

Босна и Херцеговина

Подкасти за Тузла што ја поврзуваат дијаспората

Околу 100.000 луѓе со потекло од Тузла сега живеат надвор од регионот, главно во други европски земји. РТВ „Слон“ (RTV „Slon“), со седиште во Тузла, започна да креира подкасти, фокусирајќи се на локалните реткости што се обележја за Тузла – луѓе, настани, предмети – со цел доближување на градот до дијаспората и обратно.

Досега на интернет се емитувани повеќе од 10 епизоди и првичните реакции од јавноста се многу позитивни. Подкастите се објавени на каналот на „Јутјуб“ на РТВ „Слон“ и целта е да се привлечат што повеќе гледачи од дијаспората.

Првиот регионален подкаст се фокусираше на прашањата за Ромите

Порталот „Удар“ („Udar“), познат по промовирање и застапување на правата на Ромите, започна со креирање серија подкасти. Во првото издание, гости беа: Селма Селман, визуелна уметничка, Медина Спахиќ, младинска активистка, Хедина Тахировиќ-Сијерчиќ, новинарка, писателка и активистка, Драшко Игњатиќ, новинар и Кристина Љевак, активистка за човекови права.

Порталот „Удар“, покрај тоа што е информативен медиум, има за цел да се претстави и како информативен центар, кој ќе биде место каде што ромската дијаспора, невладините и меѓународните организации и државните институции ќе можат да примаат и разменуваат информации и идеи за подобрување на позицијата на ромското население. Фокусот ќе биде ставен и на човековите права. Пример за тоа како порталот врши значајно општествено влијание во заедницата е нивниот успешен обид да ја натераат популарната музичка група „Дубиоза Колектив“ да го смени текстот на една од нивните песни поради навредливи конотации.

Порталот „Удар“ започна со работа во 2017 година и објавува написи на босански, српски и хрватски јазик, додека некои од клучните написи се преведуваат и на ромски јазик.

Косово

Документарна серија за промовирање на туризмот во Феризај

ТВ „Тема“ (TV „Tema“), со седиште во Феризај, ја креираше првата епизода од нивната документарна серија „Откривање на Дарданија“, во која се истражува создавањето на пет нови мурали од локални и меѓународни уметници за „Мурал фест“. Сега, темата на шестото издание на фестивалот беше „Дома“ и го прикажа прогонот на цивилното население од Косово во 1999 година.

„Првата епизода ја опфаќа работата на меѓународните уметници: Слим Сафонт, Забу, Пабло Астерен, Гвидо Палмадеса, Висенте Мацелари и Матеу Тарга и ја истакнува нивната визија за „Дома“ и нивните впечатоци од посетата на Косово“, изјави Висар Хоти, директор на ТВ „Тема“.

ТВ „Тема“ планира да го користи висококвалитетното производство на документарни серии за да придонесе во промоцијата на туризмот, а со тоа и за целокупниот економски развој на заедницата во која работи. Ова е значајна улога за еден медиум да ја промовира својата локална заедница и да го поттикне нејзиниот развој.

Креирана веб-страница за медиум на ромски јазик

За прв пат од нивното основање во 2010 година, „Ромтегра“ („Romtegra“), медиум на ромски јазик од Приштина, сега има своја веб-страница – www.romtegra.com. Тие претходно ги споделуваа своите вести и информации преку каналите на социјалните мрежи. 

„Ромтегра“ е невладина организација која се фокусира исклучиво на подобрување на ромскиот јазик и потребите на ромската заедница во Косово. Со новата веб-страница, не само што ќе можат полесно да споделуваат информации за настани и производи, туку ќе можат и подобро да се поврзат со својата публика. Со друг грант од проектот „Media for All“, медиумот ќе може подобро да комуницира со граѓаните користејќи ја алатката за известување со вклучување на граѓаните (ECR).. 

Црна Гора

Нова веб-страница за Радио „Титоград“ 

Радио „Титоград“ (Radio „Titograd“) го прослави својот петти роденден во јули со пуштањето во употреба на својата нова веб-страница. Радиото се емитува на канал 101 Mhz, а ги опфаќа градовите Подгорица, Даниловград, Спуж и Цетиње.  

Покрај емитувањето на радио, програмите се пренесуваат и на интернет така што луѓето од целиот свет можат да ги слушаат. Радио „Титоград“ има слушатели во 34 земји, но со новата веб-страница сега радиото е целосно достапно и за лицата со оштетен вид. Медиумот очекува да се зголеми бројот на дневни посетители и моментално соработува со ТВ „Титоград“ со цел заедно да создаваат приказни и видеа.

ТВ станица нуди пренос во живо

Локалната ТВ станица, РТВ „Никшиќ“ (RTV „Nikšić“), започна со пренос на настани во живо – од седниците на општинското собрание до спортски и културни настани – на нивниот веб-портал, страниците на „Фејсбук“ и каналот на „Јутјуб“. Гледачите реагираа позитивно на оваа пионерска нова услуга што ги прави настаните лесно достапни. 

Покрај зголемувањето на публиката на интернет преку својот веб-портал, на РТВ „Никшиќ“ ѝ пристапија нови, како и постоечки клиенти барајќи од ТВ каналот да покрива нивни настани.

Северна Македонија

Веб-страницата погодна за мобилни уреди ја зголеми читателската публика за една третина

Креиравме нова веб-страница за порталот за вести „Дума“ од Велес. Тие веќе забележаа зголемување на нивната дневна читаност за 30%, но нивните читатели исто така поминуваат и една третина повеќе од своето време на веб-страницата (35%). Со веб-страницата погодна за мобилни уреди, која е полесна за употреба, медиумот исто така достигнува поголем број читатели на социјалните мрежи. 

„Дума“ сега нуди и услуга за пренос во живо, за да може да покрива јавни настани како општински средби, уметнички, деловни и спортски настани. Тие исто така можат да им ја понудат оваа услуга на своите клиенти и таа веќе се покажува како многу популарна.

Електронските плаќања го олеснуваат бизнисот за медиумите 

Неколку медиуми во Северна Македонија ќе можат да ги понудат и да наплаќаат за своите содржини и услуги електронски преку е-плаќање.

Александар Бировљев, проектен ментор и водечки експерт за е-трговија и е-плаќања во регионот, работеше со националните банки и WSPay за да го создаде системот. Четири медиуми ќе го имплементираат овој систем за плаќање, а тоа се: Радио „Канал 77“, „Охрид Њуз“ од Охрид, „Независен весник“ од Скопје и ТВ „Кисс“ и „Менада“ од Тетово.

Србија

Илустрираните написи го поттикнуваат просперитетот на медиумот

Како дел од програмата „Media for All“, на медиумите им се нуди специјализирана обука за нови алатки и начини на онлајн известување. Визуелизацијата на податоците им овозможува на медиумите да раскажуваат приказни поттикнати од факти, како и да ја подобрат својата веродостојност и доверливост. Визуелизацијата на податоците може да биде ефикасна како за ударните вести, така и за авторските приказни. Подлабокото навлегување во темата и нудењето нова перспектива помага да го видите веќе познатото на сосема нов начин.

По интензивната обука за визуелизација на податоци, новинарите од „Лозничке новости“ („Lozničke novosti“) започнаа со објавување написи на поинтерактивен и поинтересен начин. Тие неодамна го објавија својот прв целосно илустриран напис со интерактивна графика користејќи ја алатката „Флориш“ („Flourish“).

Обуката за визуелизација на податоци, која се одржа годинава во јуни, ја посетија повеќе од 50 учесници од 19 медиуми од земјите на Западен Балкан.

Споделете на социјални мрежи