Проектот „Media for All“ им помага на медиумите од Западен Балкан да создадат бизнис модели со кои ќе станат финансиски независни и ќе создаваат разновидни содржини со кои полесно ќе допрат до локалната публика.

Менторите и обучувачите на нашиот партнер, Фондацијата „Томсон“, интензивно работат со 55 медиуми изминативе шест месеци, со цел да им помогнат да ги реализираат нивните бизнис идеи. 

Медиумите се на половина од проектот, а веќе пријавуваат дека успеале да ја зголемат вклученоста на нивната публика и дека наидуваат на позитивни реакции за новите видеа, подкастови и услуги. Подолу во текстов ќе истакнеме разни активности, производи и услуги за кои се заслужни нашите грантисти ширум регионот. 

Благодарение на веб-страниците со огласи за вработување, подобрените веб-страници и емисиите кои се емитуваат во нивните земји, нашите грантисти од проектот „Media for All“ пријавуваат дека успеале да ја зголемат вклученоста на публиката и свеста за сториите што ги покриваат на локално и национално ниво.  

Нашиот проект „Media for All“ е финансиран од Владата на Обединетото Кралство, а спроведен од Британски совет и неговите партнери БИРН, Фондацијата „Томсон“ и ИНТРАК.

Сторијата од секоја земја ќе биде прикажана во концертина стил на веб-страницата.

Албанија

Славење на културата на Албанија преку подкастови и видеа 

Онлајн медиумот „Амфора.ал“ („Аmfora.al“) создава серија кратки видеа со назив „Култура во една минута“ („Culture in One minute“) за античката историја и културното наследство на регионот Драч. Со доделениот грант од проектот „Media for All“ тие планираат да издадат дваесет епизоди.  

Првите три епизоди беа толку популарни што тимот на „Амфора.ал“ беше поканет да зборува за проектот во неколку национални телевизиски емисии. 

Покрај видеата, тимот создава и подкастови со назив „Гласот на културата“ („Voice of Culture“), во кои експерти зборуваат на разни теми од областа на културата, и кои имаат за цел да поттикнат дискусија кај публиката.

Босна и Херцеговина

Новата веб-страница на Радио „Освит“ (Radio „Osvit“) значително ја зголеми публиката

Повеќето луѓе се информираат преку социјалните мрежи или преку нивните мобилни телефони, па важно е медиумите да имаат модерна и пристапна веб-страница. Во рамките на проектот „Media for All“, петнаесет медиуми ги ажурираа или сменија нивните веб-страници со нови, модерни и лесни за користење веб-страници.

Тимот на Радио „Освит“ веќе ја зголеми публиката и бележи постојан раст на бројот на посети и следбеници откако ја смени веб-страницата. Тие ова го сметаат за свој прв чекор кон достигнувањето на целта да остваруваат приходи од содржините што ги објавуваат.  

Косово

РТВ „Пулс“ – „Еве сме кај вас“

Локалната радиотелевизиска станица РТВ „Пулс“ продуцираше пет телевизиски емисии во пет општини на Косово во рамките на проектот „Media for All“. Емисијата „Еве сме кај вас“, којашто може да ја погледнете овде, е посветена на истражување на историјата, културата и наследството на различните региони. Емисиите на оваа мала радиотелевизиска станица се разликуваат од останатите, бидејќи ги емитуваат во живо, користејќи сопствено репортажно возило.   

РТВ „Пулс“ доби поддршка од проектот „Media for All“ за да може да работи на емисијата на терен. Комбето на РТВ „Пулс“ се опреми со потребната опрема за снимање и со антени, со што се овозможи снимање и известување од терен. Со тоа, пак, медиумот буквално се доближи до заедниците чиишто приказни ги покрива со телевизиската емисија „Еве сме кај вас“. Истите тие заедници се и целна публика на овој медиум.  

Во емисијата „Еве сме кај вас“ (или на англиски јазик „Closer to You“) се известува за разните локални заедници, нивната историја и нивните моментални случувања. Таа опфаќа стории за локалните бизниси – земјоделство, локален туризам, трговија – и со тоа придонесува кон локалниот економски развој и кон промоција на овие заедници надвор од нивниот непосреден регион. 

Со овие емисии, РТВ „Пулс“ ја подига и свеста за проблемите на локалните заедници, за функционирањето на локалната власт и за предизвиците со коишто секојдневно се соочуваат заедниците. Преку разговорите со општинската власт и со нејзиното вклучување во емисијата, РТВ „Пулс“ ја подига свеста на општинската власт и за проблемите со коишто се соочуваат нејзините жители.

Може да ја прочитате целата приказна за тоа како оваа мала семејна радиотелевизиска станица успеа од известување за локални приказни да стигне да известува за големи настани во регионот, со своите специјално опремени репортажни возила. Во оваа статија на Journalift, може да прочитате како го создаде овој иновативен пристап младиот директор и сопственик на РТВ „Пулс“ Ненад Миленковиќ, којшто ја презеде функцијата на неговиот покоен татко.

Северна Македонија

 „Куманово Њуз“ („Kumanovo News“): Од локален до регионален медиум

Куманово Њуз“ е мал онлајн портал за новости којшто прераснува во регионален медиум со помош на проектот „Media for All“. Во медиумот користат техники на мултимедијално новинарство, со употреба на текст, слики, звук, видео-клипови и графика за да споделуваат стории на начин што предизвикува интеракција. Тие сега ги споделуваат сториите и на социјалните мрежи и нивната веб-страница. Медиумот ја зголеми читаноста за 25% на дневно ниво по интервенцијата. 

Од март 2021 година, новинари од медиумот работат со ментори од Фондацијата „Томсон“, којашто е независна добротворна организација што обучува новинари ширум светот како да ги реализираат нивните бизнис идеи. Сега, „Куманово Њуз“ има нова веб-страница и опрема, ангажираше дополнителен кадар и воспостави мрежа на дописници ширум регионот. Менторите им помогнаа да создадат содржини и стратегија за маркетинг, со кои ќе го зголемат досегот и ќе привлечат нова публика. 

Во моментов, медиумот создава мултимедијални содржини за значајни теми и настани од југоисточниот дел на Северна Македонија. Од март 2021 година, „Куманово Њуз“ создаде околу 1,000 кратки вести, 1,060 фотографии, шест мултимедијални видео-стории и илустрираше шест стории со инфографика и графика. Некои од овие стории беа споделени од страна на националните медиуми. 

Црна Гора

„Бока Њуз“ („Boka News“): Локалните решенија за локалните проблеми градат доверба и ја зголемуваат публиката

Бока Њуз“ од Тиват е еден од најактивните и најуспешните медиуми што ја користеа алатката за известување со вклучување на граѓаните – онлајн платформа што ги поврзува граѓаните и медиум што споделува идеи, информации и податоци за локалните прашања. 

Воден и менториран од Балканската истражувачка мрежа (БИРН), со користење на алатката ECR, „Бока Њуз“ успеа да создаде осум статии со решенија за локални проблеми коишто произлегоа директно од локалната публика. Кога истражува за одредена тема, „Бока Њуз“ објавува прашалник и ја замолува публиката да ги пополни. Во просек, прашалникот го пополнуваат по околу 200 луѓе коишто ги споделуваат нивните ставови и корисни информации. 

Темите што ги покрива се од важност за локалната заедница, како на пример, уништувањето на архитектонското или културното наследство, заштитата на животната средина, правните проблеми околу сопствеништвото на крајбрежните имоти (плажи и  пристаништа), како и создавање стратегија за развој на туризмот за крстарење и враќање на земјиштето од аеродромот во Тиват.  

Како резултат на оваа активност, бројот на посетители на веб-страницата порасна од 66,049 во ноември 2020 година во 95,058 во август 2021 година. Растот е очигледен и на социјалните мрежи – медиумот стекна 2,500 нови следбеници на „Фејсбук“. 

Србија

Три медиуми ги споделуваат најновите можности за вработување во нивниот медиумски простор

Покрај тоа што може да се информира за најновите вести, публиката на три медиуми од Западен Балкан може да се информира и за најновите можности за вработување. 

Два онлајн портали од Србија, „Озон прес“ („Ozon press“) од Чачак, „Пресек“ („Pressek“) од Крагуевац и „Независен Весник“ („Nezavisen Vesnik“) од главниот град на Северна Македонија – Скопје, воведуваат посебни веб-страници за огласи за вработување. Покрај од услугата што им ја нудат на читателите, медиумите ќе добиваат приходи и од работодавачите коишто ќе објавуваат огласи на нивните веб-страници. Тимот на „Пресек“ сподели дека тие веќе имаат околу 20,000 посети месечно. 

Веб-страниците со огласи за вработување се во почетна фаза, но првичните резултати се навистина охрабрувачки и медиумите ќе продолжат да работат со нивите ментори, со цел да ги надградат и да ја промовираат оваа услуга кај нивните читатели и потенцијални огласувачи.  

 

Споделете на социјални мрежи