Children presenting their coding project to teachers

Критичко размислување

Критичкото размислување опфаќа различни сложени вештини поврзани со повисоко ниво на размислување. Тоа е самостојно размислување кое создава нови и иновативни идеи и ги решава проблемите. Oпфаќа критичко промислување за искуствата и процесите од учењето и носење ефективни одлуки така што ќе се избегнуваат вообичаените замки, на пример, еднострано гледање на некое прашање, отфрлање нови докази кои ги побиваат вашите идеи, резонирање од страст, а не од логика и непоткрепување на изјавите со докази.

Во својата основна форма, тоа се базира на универзални интелектуални вредности кои ги надминуваат поделбите во однос на одредена тема: јасност, точност, прецизност, конзистентност, релевантност, цврсти докази, добри причини, длабочина, сеопфатност и правичност.

Решавање проблеми

Решавањето проблеми е ментален процес кој вклучува способност да се анализира и да се изнајде решение кое најдобро го решава проблемот. Тоа го опишува процесот во кој постои цел која е попречена поради некоја причина - недостаток на ресурси, недостаток на информации и така натаму - што претставува проблем. Она што се презема за да се постигне поставената цел претставува решавање проблеми. 

Постојат рутински проблеми и нерутински проблеми. Рутинските проблеми може да се решат со користење на методи познати на учениците преку пресликување на претходно научените методи според принципот „чекор по чекор“. Нерутинските проблеми се проблеми за „кои не постои предвидлив, испробан пристап или патека кои се експлицитно наложени од задачата, инструкции за задача или обработен пример.“ Секому му е потребна вештина за решавање проблеми во секојдневниот живот. Taa oпфаќа група на вештини кои, покрај когнитивните, вклучуваат и социјални и други вештини, кои ни помагаат да ги дефинираме причините за проблемот и да пронајдеме ефикасни решенија. Применуваме критичко и креативно размислување за да ги решиме проблемите. 

Предности од учењето вештини за критичко размислување и решавање проблеми 

Предности од учењето вештини за критичко размислување

  • Критичкото размислување ја подобрува флексибилноста на учениците и вештините за учење. Не знаеме како технологијата ќе се промени до моментот кога младите ќе го завршат образованието. Учењето вештини за критичко размислување и решавање проблеми ќе ги подготви побрзо да учат и да се адаптираат и да бидат во тек со релевантните промени во нивните области на истражување, без разлика кои се тиe
  • Критичкото размислување го прави образованието помалку пасивно и поинтерактивно. Подучувањето на учениците како критички да пристапат на кој било предмет им овозможува тој да стане порелевантен за нив. Тоа им помага подобро да го разберат и да се вклучат во предметот и неговата важност во нивниот живот, при што ќе се чувствуваат како активни учесници
  • Вештините за критичко размислување и решавање проблеми ги подобрува академските резултати. Наместо да се потпираат на наставниците и на времето поминато во училница за да добијат упатства и насоки, учениците со вештини за критичко размислување стануваат посамостојни 
  • Критичкото размислување е темел на науката и либералното демократско општество. Науката изискува критична употреба на разумот при експериментирањето и потврдувањето теории. За правилно функционирање на либералната демократија потребни се граѓани кои можат критички да размислуваат за социјалните прашања со цел да формираат информирани ставови во однос на соодветното владеење и да ги надминат пристрасноста и предрасудите.

 

Предности од учењето вештини за решавање проблеми

  •  Учениците се стекнуваат со способност критички да размислуваат за искуствата и процесите на учење и да донесуваат ефективни одлуки
  • При решавањето на проблемите, учениците учат и други важни вештини, како што се креативност и соработка
  • Критичкото размислување овозможува раздвојување на фактите од ставовите и помага во разгледување на сите можни опции за решавање на проблемот
  • Учениците се подготвуваат за работни места кои сè уште не постојат. Работното опкружување брзо се менува и едноставно не знаеме кои работни места ќе постојат, а уште помалку, што ќе биде потребно за да се извршуваат. Работниците најверојатно ќе се избираат врз основа на нивната способност брзо да учат, да се прилагодуваат на промените и самостојно да работат, самостојно да донесуваат одлуки поврзани со работата и да бидат способни самите да ги решаваат проблемите.
Споделете на социјални мрежи