Збирката на добри практики е составена во рамките на програмата „Училишта на 21-от век“, финансирана од Владата на Обединетото Кралство и спроведена од Британски совет. Таа содржи примери за добри наставни практики, изготвени од советници од Бирото за развој на образованието и обучувачи од програмата „Училишта на 21-от век. Со оваа збирка, ќе им се овозможи постојана поддршка на наставниците и ќе се подобри нивното знаење за планирање и реализирање на настава со вклучени елементи на критичко размислување, решавање проблеми (КРРП) и кодирање, како дел од редовните наставни практики.
Оваа збирка е направена на барање на наставниците кои веќе ја проследија обуката и потврдија дека имаат потреба од разработени пристапи, активности и примери од предметите кои ги предаваат. Збирката содржи примери за реализација на наставна прогрма од шесто до деветто одделение за следните предмети: математика, физика, хемија, природни науки, биологија, историја, географија, информатичка технологија, македонски јазик, албански јазик и англиски јазик.
Во наставното планирање, покрај основните елементи кои се дел од примерите, наведено е кои од следните четири основни карактеристики на КРРП треба да се развијат преку соодветната активност:
- Решавање на нерутински проблеми и прашања.
- Земање предвид различни перспективи на проблемите.
- Оценување на докази за и против различни позиции.
- Разбирање на подлабоката структура на проблемите.
За да може да се развијат наведените карактеристики, во примерите се наведени наставните стратегии кои ќе се користат, како што се следните:
- Поставување на прашања за да ги поттикне размислувањето на повисоко ниво и проверка дали учениците разбираат.
- Моделирање на критичко размислување и решавање проблеми.
- Обезбедување систематски повратни информации и поправка.
Подготвените материјали се во корелација со наставните цели од наставните програми кои се однесуваат на постигнувања на повисоки нивоа на учење според Блумовата таксономија. Во материјалите се вклучени препораки за дополнителни ресурси со кои ќе се обезбеди поддршка на наставниците за испорака на часови кои ќе вклучуваат елементи на КРРП и /или кодирање со примена на соодветен пристап со користење педагошки, психолошки, дидактички и наставни методи.
Се надеваме дека оваа Збирка ќе биде корисна и применлива за наставниците и дека ќе им овозможи да развијат дополнителни идеи при подготвувањето на часовите.