Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“ од Скопје е единственото државно средно училиште за ученици со оштетен слух. Како дел од нивните наставни програми, учениците учат и информатика и нивниот наставен план е ист како и за децата во редовните средни училишта. Учениците со оштетен слух користат визуелна перцепција како прв начин за добивање информации, па затоа е предизвик да се најдат начини како да ги научат термините, правилата и процедурите кога работат со некој програмски јазик. Учениците имаа малку шанси да се запознаат со алгоритамски начин размислување, затоа што кодирањето бара одреден степен на познавање на англискиот јазик.
Како и да е, со воведувањето на програмата „Училишта за 21 век“, „Микро:бит“ уредот за кодирање го најде својот пат до македонските основни училишта, вклучувајќи ги и училиштата за деца со оштетен слух. Воведувањето на „Микро:бит“ уредот во наставата даде многу позитивни резултати. „Микро:бит“ уредот им овозможи на учениците лесно да ги научат правилата и процедурите за кодирање, им даде знаење и самодоверба да усвојат принципи на кодирање во програмскиот јазик C++. Некои од претходните фрустрации и незадоволство кај учениците исчезнаа затоа што „Микро:бит“ уредот им овозможи да разберат дека кодирањето не е тешко и дека не постои пречка за совладување на другите програмски јазици кога се усвојуваат основните концепти.
Употребата на „Микро:бит“ уредот придонесе за подобрување на постигнувањата на учениците од областа на информатиката, но и на нивната зголемена самодоверба и мотивација за работа. Примената на „Микро:бит“ уредот во наставата, со соодветно и методично дизајнирани техники, процедури и содржина, ја подигна наставата за ученици со оштетен слух на повисоко и подобро ниво. Тоа отвори нови можности за едукација и комуникација за учениците со оштетен слух. Како наставничка, јас повеќе не се прашувам како да користам „Микро:бит“ уреди во наставата, туку колку.
- Ирина Иванова, наставничка во СОУ „Партенија Зографски“
ЗАПОЗНАЈТЕ ГО ЏЕМАЛ ЕЛМАЗИ ОД ТЕАРЦЕ
На северот на земјата, наоѓаме уште еден прекрасен пример за тоа како микробит уредите им помагаат на учениците со оштетен слух да усвојат знаење од информатиката и кодирањето. Џелал Елмази е ученик во 7 одделение во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“, Теарце. Тој е многу интелигентен и покажува интерес за сите наставни предмети, но компјутерската технологија е во неговото срце. Неговата желба и подготвеност да учи за технологијата е без преседан и тој постојано ги следи сите иновации кои доаѓаат од светот на компјутерите. Кога неговата наставничка по информатика ги претстави „Микро:бит“ уредот и платформата „Make Code“, Џелал веднаш започна да истражува и пред следниот час беше целосно информиран за различните видови на проекти и кодови што можат да се создадат. Тој исто така беше првиот во училницата што создаде свои кодови и им помогна на сите негови пријатели да разберат како функционира технологијата. Неговите наставници велат дека тој е многу позитивна личност, многу се смее и секогаш ја шири својата позитивна енергија на другите.
Наставничката по информатика, Лејла Усеини, вели: „Јас, како наставничка, и училиштето, како образовна институција, правиме колку што можеме за да му помогнеме и да го поддржиме Џелал. Нему му треба поголема поддршка за да го оствари неговиот сон, тој заслужува многу поголема поддршка од сите. Благодарност до Британскиот совет што овозможи обука за наставници за критичко размислување, решавање проблеми и кодирање со „Микро:бит“ уредот, стекнавме вештини за откривање и развој на талентите кај нашите ученици.Тоа ни помогна да им овозможиме на учениците со посебни потреби да покажат интерес за кодирање, како во случајот со Џелал. Постои предизвик наставниците да имаат поддршка, искуство и стимулации за да ги мотивираат учениците да учат. Ова исто така ја зголеми соработката меѓу родителите, наставниците и учениците, така што учениците ќе можат да бидат подготвени за нивните предизвици во иднина “.
Лејла Усеини, наставничка по информатика во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“, вели дека може да се забележат севкупни подобрувања кај наставниците бидејќи тие го споредуваат своето искуство пред и после обука. Обуката им помогна да го подобрат своето предавање, да направат лекции кои се поинтерактивни за учениците, а учениците да бидат помотивирани и поактивно вклучени во учењето, како и да откријат способности за кодирање кај учениците со посебни потреби.