Душка Пејовиќ
Може ли да ни кажете нешто повеќе за Вашата улога како менторка во програмата за менторство за жени во медиумите во Западен Балкан?
Двапати досега бев менторка во рамките на програмата за менторство за жени во медиумите во Западен Балкан. Работев и се дружев со 5 менторирани новинарки од Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија. Тоа е едно од најубавите искуства во мојот живот! И покрај сите тешкотии, животот е убав кога имаш можност да помогнеш на млади луѓе, да ги оснажиш, да им пружиш поддршка и кога заедно сведочите на резултатите од тие процеси. Во овие околности, не е лесно да се занимаваш со новинарство, а програмата за менторство ги поттикнува младите новинарки полесно да се соочат со предизвиците, да ги надминат тешкотиите и да стекнат дополнително знаење. Менторството е начин на живот, посветено да им се помага на другите луѓе и научиш од нив како да ги разбираш, да им помагаш, да ги почитуваш потребите на другите и заедно да изнајдете сила да ги смените работите на подобро! Преку поддршка и оснажување, менторството Ве охрабрува да не се откажувате, туку секогаш да одите напред со многу волја и енергија.
Ве молиме накратко опишете го односот со новинарката што ја менториравте.
Врската со лицето коешто се менторира секогаш е однос којшто се темели на пријателство, доверба и заедничка желба за напредок во секоја смисла. Запознавањето на другите луѓе преку разбирање на нивните силни страни, слабости, можности и заложби, како и соработката со нив за постигнување на нивните цели, истовремено претставува саморефлексија и сфаќање кои сме и што можеме да направиме. Таа поврзаност на двајца луѓе кои се градат едни со други го прави нашиот однос бесценет. Мислам дека новинарките што ги менторирам имаат доверба во мене, заедно со нив бараме решенија, учиме, градиме мотивација, ги надминуваме проблемите, се смееме и без задршка разговараме за животните и професионалните ситуации и предизвици. Се трудев да не давам совети однапред, туку заедно да ја разгледаме ситуацијата и да дојдеме до решение. Заедно отворивме многу врати и трагавме по вистинскиот правец на крстосниците. Заедно научивме да имаме верба во себе, етички норми и вистински вредности и научивме како секогаш да продолжиме напред откако ќе се соочиме со предизвик.
Ве молиме, накратко опишете го успехот што го постигнавте како менторска двојка.
Сметам дека најголемиот успех за време на менторството е тоа што успеавме да ги поддржиме и охрабриме младите новинарки храбро да продолжат со својата работа и живот и покрај бројните тешкотии со коишто се соочуваат. Конкретните резултати коишто ги постигнавме досега се многу поголема самодоверба, мотивација, унапредување на новинарските вештини и пред сè родово-сензитивно известување во различни области, како и оснажување да се решат прилично проблематични ситуации. Кога менторираната новинарка верува во себе и во своите способности, кога е подготвена да стекне и примени нови знаења, да се соочи со предизвиците, да чекори напред и притоа да е свесна дека има поддршка и помош во тоа, знаеме дека сме постигнале заеднички успех. Како менторка научив да бидам трпелива, да бидам подобра слушателка и да имам поголемо разбирање за другите, а открив и кои се моите слабости и учев од новинарките што ги менторирав. Изградивме инспиративен однос во којшто и двете страни пораснавме како личности и професионалки и тој однос ќе продолжиме да го негуваме и откако ќе заврши проектот.
Дали дојдовте до нови идеи, започнавте нови активности, соработки и/или проекти или во план Ви се за понатаму, како резултат на вмрежувањето со луѓето коишто се опфатени во нашата програма?
Преку процесот на менторство, се јави потреба за соработка со другите, обединување и создавање мрежи кои ќе ги обединат новинарките во заложбите да ја подобрат својата позиција, да се борат против родовото насилство и да стекнат нови знаења. Процесот на менторство ги засили моите заложби да создадам мрежа на новинарки во Црна Гора и да се обидам да организирам менторство за млади новинарки. Благодарение на Британски совет и менторството, моментално сме во процес на основање на Мрежата на новинарки во Црна Гора.
Дали Ви се исполнија очекувањата што ги имавте за програмата за менторство?
Моите очекувања за програмата за менторство се надминаа, меѓу другото, благодарение и на одличните поискусни менторки Драгана и Адна. За мене тоа е начин на живот и начин да им дадам дел од себе, моето знаење и искуство на помладите генерации, но и да научам многу од нив. Менторството е целта, посветеноста, инспирацијата, возбудата, мудроста, несебичноста, добрата енергија и оптимизмот кои сме комплетни само кога ги споделуваме и ги даваме на другите.