Им честитаме на трите победнички тимови коишто ја делат првата награда на натпреварот за млади новинари во рамките на проектот „Media for All“. Учесниците на натпреварот работеа во регионални тимови составени од по тројца новинари и во период од осум недели беа менторирани и водени од професионалци, со цел да создадат стории коишто ќе ги отсликуваат актуелните прашања што ја засегаат младината.
Квалитетот на статиите коишто ги создадоа новинарите помлади од 30 години, како плод на нивната тимска работа со колегите од земјите ширум Западен Балкан, и со коишто учествуваа на натпреварот за млади новинари во рамките на проектот „Media for All“, беше на толку високо ниво што жирито им ја додели првата награда на три тимови, наместо на еден:
- Катарина Балетиќ и Невена Петаковиќ од Србија и Теодор Ѓерга од Албанија беа наградени за сторијата „Финансиската нестабилност го одлага осамостојувањето на младите“,
- Гентиана Ахмети од Косово, Јона Касо и Џоана Чалаку од Албанија беа наградени за сторијата „’Борбата’ за вработување ги испраќа медицинските сестри во Германија“,
- „Младите посегнуваат по скапи алтернативи за да го сочуваат менталното здравје“, напишана од Ериса Криезиу од Албанија, Ѓурѓа Радуловиќ и Андреа Јелиќ од Црна Гора.
Ериса Криезиу, новинарка од еден од победничките тимови, изјави: „Заедно со колешките од Црна Гора работевме на сторија за менталното здравје на младите. Периодов е одличен за да се начне оваа тема, со оглед на тоа дека ни се случува пандемијата на Ковид-19. Сметам дека новата генерација на млади новинари во регионот работи професионално. Сепак, покрај оваа тема, треба да покриеме уште голем број теми кои ги засегаат младите за да ја доловиме динамиката на денешното општество, особено на Западен Балкан.“
За учество на натпреварот имаа можност да се пријават тимови на новинари од различни земји од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија), од кои поканети за учество беа дванаесет тимови составени од по тројца новинари. Избраните новинари работеа осум недели со ментор за да ја создадат нивната статија, којашто беше неопходно да е релевантна за младите ширум Западен Балкан.
Тимовите пишуваа на разни теми, меѓу кои и влијанието на пандемијата на Ковид-19, невработеноста кај младите, сè поголемиот замав на национализмот кај младите, младинската политика и ЛГБТИ+ дискриминацијата. Имаше статии кои беа фокусирани на тоа како младите придонесуваат за нивната заедница за време на пандемијата, како и статија посветена на лица со попреченост кои се избориле со дискриминацијата и успеале да се вработат.
„Жирито е презадоволно од високиот квалитет на статиите и ги повикува новинарите да ги објават нивните статии. Што е најважно, статиите ја претставуваат соработката помеѓу државите од регионот, во кој постои потенцијал за поголема соработка помеѓу новинарите, за што се доказ овие статии“, изјави Уна Хајдари, претставничка на жирито. Таа рече дека жирито ги оценувало сториите врз основа на тоа во колкава мера ги отсликуваат професионалните новинарски стандарди, доброто раскажување, оригиналноста и релевантноста на идејата.
Победничките статии може да ги прочитате овде, како и да ги погледнете видеата на: