Главната мотивација за учество на проектот Media for All беше потенцијалот на обуките и работилниците.

Со Види Вака сакаме фокусот на нашите приказни кои ги правиме да го ставиме на изнаоѓање на решенија за одредени проблеми на кои работиме. Најчесто работиме на приказни кои не се застапени во повеќето од медиумите, и наоѓање на решенија за истите сакаме да биде нашиот приоритет во иднина. Затоа за мене беше многу важна обуката, која ми помогна да разберам како треба да се работи подлабоко на пронаоѓање на совршениот модел за решение, односно дека крајот не е само давање една идеја за едно решение, туку подлабинска работа на суштината, кој е проблемот, од каде доаѓа, дали може да се направи промена, можните пречки и давање конкретно решение. Тренингот ми овозможи и да стекнам нови техники за интервју со моите соговорници, но и како да ги избирам моите соговорници. Кога станува збор запрашања за глобални светски проблеми сметам дека е многу важно да го слушнеме искуството на колегите од други држави, со цел да го подобриме новинарското известување и да размениме различни искуства. Секогаш има простор да ги надополниме нашите приказни, со цел активно да придонесеме во изнаоѓање решенија за системски проблеми, особено во општество како нашето.

Работилниците ми помогнаа во поглед на мојата работа во смисла на тоа дека сега повеќе размислувам кого ќе вклучам во мојата приказна, односно од кого барам одговори за одредени теми и дали има доволно еднаква родова застапеност, бидејќи претходно не сум размислувала многу на тој сегмент. Со тоа, и ние како новинари може да имаме увид во тоа на колку клучни позиции и институции се застапени жените.

Работилницата за родова дезинформација беше корисна за тоа да научам дека тие дефинформации користат лажни или погрешни родови базирани информации против жените, кои служат за да ги дискредитираат жените и девојките. Многу често овие работи не ги забележува публиката и не можат да ги препознаат кога им се сервира во мас медиумите, а се почесто ги има. Затоа ние како медиумите треба да работиме повеќе за да ја препознаваме родовата дезинформација и да работиме кон тоа да ја искорениме доколку сакаме едно еднакво општество за сите.

Програмите од овој тип се важни за младите професионалци, не само финансискиот дел, туку стекнувањето на нови и различни вештини и искуства. Вакви студиски програми и работилници овозможуваат и брз начин на вмрежување на млади новинари професионалци од Балканот, кои служат за стекнување на нови искуства и увид во туѓи перцепции.

Споделете на социјални мрежи