Ситуацијата на нашата медиумска сцена е таква што медиумите, пред сè, медиумите ЗА млади создадени од млади, се речиси невидливи, економски неодржливи и опстојуваат само благодарение на огромната волја на поединци подготвени да се вложат себеси над нивните можности, со верба дека може да направат позитивна промена. Програмите за поддршка што ги таргетираат ваквите медиуми се ретки и честопати не се обмислени да ги слушнат младинските редакции и нивните реални потреби, обмислени се од страна на медиумски експерти според нивните сопствени убедувања и концепции за тоа како треба да изгледаат младинските медиуми. Ситуацијата со медиумите постојано се менува, се менуваат и трендовите, а понудените програми најчесто се застарени или не одговараат на визијата на една мала волонтерска редакција, што е главна одлика на повеќето младински медиуми во Србија.
Членовите на тимот на „Мedia for All“ непрекинато ги СЛУШААТ медиумите, ги следат нивните потреби и желби и се обидуваат да ги поддржат во нивното движење по патот што самите медиуми си го зацртале. Не влијаат на нашата уредувачка политика, не наметнуваат теми и содржини, не презентираат готови „рецепти“ за нешто што МОРА да се направи, туку едноставно нè прашуваат што ни е потребно и како може да ни помогнат. Тоа е бесценето.
Последниве неколку години, откако нашиот медиум стана дел од овој проект, учествуваме во разни активности и сите тие се навистина од големо значење за нас. Се разбира, финансискиот дел е важен и без поддршката во форма на мали грантови немаше да постигнеме многу работи, дури ни да ја купиме опремата што ни е потребна за нашето секојдневно работење; но уште поважно од тоа е знаењето коешто се сподели со нас, како и укажаните можности за вмрежување.
Имавме можност да соработуваме со медиуми надвор од границите и да ги размениме нашите искуства, имавме можност да учиме од феноменални експерти во Лондон, како и да работиме со ментори. Овој дел ни беше најкорисен, бидејќи сите сесии беа посветени на конкретни предизвици со кои се соочува една редакција, како и на надградување на нашите идеи и капацитети. Сите беа практични и корисни.
Понатаму, учеството во овој проект ни овозможи да истражуваме и работиме на важни и значајни теми за општеството, што, повторно, не е честа практика - младите добиваат грант и имаат слобода да изберат да се занимаваат со „тешки“ теми, како дел од активностите. Овие теми не секомерцијални, па затоа и не носат многу кликови. Важен аспект на програмата е тоа што поддршката не беше условена од квантитативни показатели, број на лајкови и споделувања на социјалните мрежи, туку фокусот беше на квалитетот на произведената содржина. Проектите кои се залагаат за квалитетот наместо за квантитетот се ретки, а токму тоа е главната вредност на проектот „Media for All“ (и „Media for Youth“).